Ветерници за производство на енергија 10 пати помали од зрно ориз

Напишано на 2 Фев 2014 - 22:55

Потенцијалната закана од глобално затоплување и константната зависност од суровини чии резерви постепено се трошат, води кон зголемена желба за истражување и искористување на обновливите извори на енергија. Истражувањето е сконцентрирано на примарните обновливи извори како соларна, ветерна и хидро енергија.

Од тука потекнува и идејата на научниците од Универзитетот Арлингтон од Тексас, САД за систем од ветерници за производство на енергија, но на минијатурно ниво, спротивно од тоа што до сега ни е познато. Оваа мини машина е изградена и дизајнирана од страна на Smitha Rao и J.C. Chiao со крајна цел: нов метод за полнење на уреди. За да се разбере големината на оваа мини машина пример е даден со едно оризово зрно. Се смета дека на едно зрно би можело да се постават околу 10 вакви минијатурни ветерници, а додека илјадници би биле потребни за да се вградат на пр. во внатрешноста на еден  мобилен телефон.

veternici-energija

Овие мали машини се само 1.8 милиметри широки  и енергија може да се добие со самото продирање на ветерот низ нив. Изработени се користејќи ’’оригами техники’’ со кои се овозможува дводимензионалните форми на рамна површина да се електрогалавнизираат, а потоа самостојно да се соберат во 3D движечки механички структури. Користена е флексибилна легура од никел што во комбинација со нивниот минимален аеродинамичен дизајн може да издржи силни ветрови без да се распадне.

veternici-energija2

Ова иновативно решение е поддржано и од страна на Тајванската компанија WinMEMS која произведува микро електронски механички системи (MEMS). Заинтересираноста е голема поради самиот факт дека вакви иновации на микро скала се неопходни за унапредување на развојот на микро роботи.

Овие мали ветрници се тестирани во септември 2013 и научниците се надеваат дека во иднина би можеле да се направат панели од илјадници микро ветерници. Вакви панели би можеле да се прикачат на станбени објекти и произведената енергија ( ветерна ) би се користела за осветлување, безбедност, безжична комуникација и сл.